Сакам да докажам дека генијалните дела се класични
За тоа како изгледа професионалниот живот да го посветиш на класиката, но и за тоа како е да се избориш за најпрестижното признание “Златна маска” во пресилната руска театарска конкуренција, разговаравме непосредно, директно, со “виновникот” Сергеј Федотов…
Вашата определба е класиката да ја верифицирате токму онаму каде што и е местото, во историјата, но и во денешницата. Колку и како успевате во тоа?
Во овие нешто повеќе од 25 години се трудам да “создадам” форма на протест против сите оние кои се против неа, но и за волја на вистината дека класиката е една и единствена и сите нејзини модернизации и скратувања не можат да ни донесат ништо модерно, ништо денешно, доколку тоа се случува стриктно во нашите глави. Сакам да докажам дека генијалноста не е во тоа да ја исперветираш класиката и да ја подведеш под “модерно”, ами дека токму класичните дела се генијални, токму поради тоа што се онакви какви што се напишани. Таква е и нашата “Женидба” што од Гогољ ја создадовме и ја прикажавме за првпат на отворено, што за мене е посебна чест, на вашето престижно Охридско лето. Модерното е во тоа што покажавме дека преку она што го рекол Гогољ можеме да ги прикажеме и покажеме вистинските вредности, кои за жал денес се испервертирани до толку што се “превртени на глава”.
Мислите ли дека “денешното” подзаборава на еден Станиславски, Меерхолд, Чехов, Товстоногов, па и Ефрос…
Не само што забораваме, туку и сквернавиме нешто што е светски признато, а тоа е Системот на Станиславски, кој е основа на сето модерно. Затоа, мојата мисија, се разбира, со сите мои соработници од мојот и нивен “У-моста” е да потсетиме дека театарот не е измислен денес и сега, ами тој постои, како вредност, но и опомена од дамнина, па преку овие сите споменати, за да биде или барем да треба да биде она што е денес.
Токму во овие класични дела се слика руската душа, која е многу блиска до нашата, балканската, македонската… Во таа смисла тука ли лежи современото во класиката?
Токму така! Еве видовте како реагираше публиката тука во Охрид (разговорот е воден непосредно по завршувањето на претставата “Женидба”, пред преполното гледалиште во предворјето на Света Софија). Токму тука е спојот, бидејќи трансферзалата која не сврзува иако сме географски далеку (повеќе илјади километри н.з.), сепак, спојот и трансферзалата е токму во душата, во искреноста, во човекот…
Има ли нешто недоискажано во авторството на овие големи класици за да некој се обиде сето тоа по своја идеја да го нарече модерно и денешно?
Апсолутно дека нема! Овие руски мајстори и не само тие, туку и оние во европската и светска класика до најситен детаљ ја насликале човечката душа и човековото битие со сите негови доблести, но и маани и затоа тие се нашето огледало, пред се во етичка смисла. Тие се школа како да го создадеме и живееме нашиот живот даден денес, како што впрочем ќе им биде даден и на оние по нас, но само и доколку се придржуваме, а не ги забораваме основните етички и кодексни форми. Ете, Гогољ не опоменува, иако во неговиот текст навидум ништо не е врзано директно со религијата и христијанството, дека свадба не треба да се прави во посни денови. Тоа е всушност опомена дека забораваме на човечното, религиозното, доблесното во нас.
Познати сте како неуморни патници низ светот со вашиот театар, како успевате секаде да стигнете, за да ве видат во светски рамки?
Признавам дека е напорно. Досега сме учествувале на преку 150 фестивали ширум светот, но тоа не се постигнува без тим кој е сплотен и не само тоа туку кој живее како една фамилија. Впрочем, потврда за тоа е фактот што секој има свои задолженија, задачи, но и морално чувство за помош при создавањето на Уметност (доказ за ова е и тоа што додека се водеше разговорот еден од актерите кој помагаше да се раскрене сценографијата го нарече Федотов едноставно, “Татко…”)
Федотов – неуморниот создавач на светлина и фантазмагорија…
“… Претставите на Федотов може да бидат комични и трагични, магични и мистериозни, со натприродни сили кои секогаш се присутни на сцената. Сето ова го изразува со специфичниот поглед кон театарот, кон законите на човековото постоење како и врските помеѓу внатрешното Јас и надворешниот свет…” Ова е дел од она што критиката го говори за Сергеј Фодотов, кој во своите 54 години токму половина од животот, а можеби и повеќе, го посветува токму на макотрпниот пат на класичното, убавото и доблесното во театарот и уметноста.
Борче ГРОЗДАНОВ