Детскиот народ понекогаш е помудар од возрасниот…
Мартин Јорданоски е еден од новата, “млада гарда” на Театарот за деца и младинци која носи еден енергичен бран, што и буквално го подига на ниво на лебдење овој наш театар… По неговиот фасцинантно енергичен Могли, како и другите повеќе од десетина ролји во овој негов матичен театар, Мартин го заслужи нашето внимание, бидејќи ќе биде новиот детски херој од џунглата, каков што е и Страшилото од “Волшебникот од Оз”, Менехем во “Нашиот клас”, дел е и од забавата во “Пипи долгиот чорап”, Оливер Твист…, го има и како Џанго во “Грев или шприцер” во Драмски. Сето тоа е причина Мартин да го сврти нашето, а се надеваме и вашето внимание!
Во вашиот ансамбл се чувствува извонредна компактност и едноставно како никаде на друго место имавте пофалби еден за друг. На што се должи таквата атмосфера?
Мартин: Компактноста се должи на убавата енергија. Пред се убавата енергија од повозрасните колеги кои со радост не примија во својот колектив, и кои несебично ни го пренесуваат своето мајсторство. Исто така, сплотеноста се должи на нашата желба за одење напред и постигнување на што поголеми успеси, како во државата така и надвор од неа.
Какво е чувството да се работи за детскиот народ и дали возвратната енергија од нив е еден до главните импулси за работа?
Мартин: Детскиот народ е најпрекрасниот и најискрениот. Или подобро речено најнедопрениот народ од правилата на оваа наша градска џунгла. Тие никогаш не се лицемерни и не знаат да лажат. Нивните насмевки за време на претставата и аплаузот на крајот се голем мотив. Со радост ќе продолжам да играм за нив, ги обожувам!
Докажа дека и тоа како знаеш да се снаоѓаш во “сериозните” ролји. Како ја доживуваш трансформацијата од детскиот свет во светот на возрасните?
Мартин: Можам да кажам дека нема некоја посебна трансформација (освен трансформацијата на ликот). Секоја улога, лик, без разлика дали е за деца или за возрасни има своја специфична тежина. Денешните дечиња ги сметам за многу напредни и воопшто не ги потценувам. Тие понекогаш знаат да бидат попаметни и порационални од возрасните. И да, возрасната публика понекогаш можеш да ја “излажеш”, но детската не. Таа е секогаш искрена, точна и реална. Затоа ги сакам децата, а и матичниот театар во кој создаваме свет за нив.
Кои се желбите на Мартин за во иднина (улога, награда, публика…) за остварување на Сонот?
Мартин: Секој актер, па и јас сака да сними голема улога на филм или да игра во некој голем филм. Тоа ми се оствари, преку До балчакк, сега го чекаме филмот да излезе. Нормално, желбата ми е сето ова да се повтори?. Искуството беше прекрасно и едноставно сакам пак. Исто така сакам мојот Театар за деца и младинци да ни е вечен, со многу гостувања настрана, а и по нашите помали градови (не сме биле одамна). Ќе бидам нескромен и ќе кажам дека наградите се составен дел од ТДМ и тие се неизбежни. Нека ни се множат!
Koe е е мотото или пак филозофијата на актерскиот ден и живот на Мартин Јордановски?
Мартин: Секој ден е различен. Кога Мартин нема обврски сака да си поспие. Тоа обично го правам во понеделник, бидејќи ни е слободен ден затоа што во сабота и недела работиме. Кога сите се на викенд, Мартин не е. Кога почнува работната недела, Мартин спие, сите ѕвонат на телефон за да си ги завршат обврските, но Мартин не крева телефон, затоа што едноставно , спие:). Секој ден е различен, посебен и забавен на свој начин. Инаку, ги мразам дневните административни обврски!
И за крај, порака во една реченица…
Мартин: Живи, здрави, среќни, весели, насмеани, вљубени, загубени, изгубени, сакани, какани… ширете љубов, љубов и само љубов!
Борче ГРОЗДАНОВ