Ме возбудува кога го претворам сонот во стварност

Вие сте речиси одомаќинет гостин во Македонија особено во ТДМ. Што е тоа што Ве привлекува и враќа кај нас?
Лунгов: Не верувам дека луѓето што се занимаваат со театарот во Македонија, особено младите, знаат дека во ТДМ работам од неговото основање. Во мојата првата постановка “Спомени во ноќта” повеќето од актерите беа тукушто завршени на вашата театрска академија. ТДМ немаше уште своја зграда и работевме на различни места. Полека но сигурно се оформи и трупата. Со некој од артистите работам повеќе од 25 години. Едноставно остаревме заедно. Љубомир Чадиковски кој ме покани во тој театар веќе е во пензија… Она што секогаш ме враќа кај вас е љубовта кон вашата држава и вашиот детски театар во кој можам да се пофалам дека сум учествувал речиси во секое негово поважно собитие. Многу од моите постановки кои што впрочем станаа и мојата визит карта во светот и земаа престижни меѓународни награди, се создадени токму во ТДМ Скопје.
Често имате пофални зборови за македонските актери. Кои се квалитетите кои тие ги поседуваат, а кај другите ги нема?
Лунгов: Во театарот задолжително треба да се работи со љубов и висок професионален морал. Македонските актери ја имаат токму оваа карактеристика, но, режисерот го привлекуваат со својот темперамент и талент. Она што ги разликува од другите актери во различни држави е тоа што тие секогаш се експанзивни и поседуваат огромна желба да придобијат нови и нови знаења. Така на пример во моментов ТДМ веќе има актерка која се здоби со професионално куклено образование, но и сите останати со текот на годините се здобија со вештини на куклени актери, блогодарение на средбите со моите екипи. Многу се гордеам со тоа бидејќи многу од нив земаа престижни актерски награди во различни мои куклени постановки без притоа да имаат завршено професионално образование за куклен театар. Многумина од ова актерска екипа се и мои лични пријатели, всушност стааа и дел од мојот живот. Не можам а да не ја споменам вашата прекрасна актерка Тања Кочовска која што направи многу забележителни ролји токму во моите претстави. Таа остана и е еден мој многу добар и искрен пријател веќе 25 години. На многу меѓународни форуми беа забележани и наградени и Драган Довлев, Предраг Павловски, Ана Левајковиќ Бошков,Влатко Лазовси, Марија Ѓорѓиоска, Катерина Илиевска-Силјановска, како и некои од помладите како Мартин Јордановски и Мики Анчевски.
Кукларството е ваша животна определба. Освен мајсторството, што е уште потребно една кукла да оживее?
Лунгов: Искуството со куклите е посебен предизвик за режисерот и актерот во процесот на оживување на една нежива материја. Верувајте ми таквиот процес воопшто не е лесен. Лично мене ме привлече богатството на форми и изразни средства кои што ги нуди ова искуство. Се разбира тука е и метафоричното мислење, можноста да раскажеш една историја и за само неколку минути да внесеш определена мисла. Тоа е огромната предност на куклениот театар. Совладувањето на техниката е само едната страна на актерското мајсторство за куклен театар. Ако не си добар актер не можеш ниту да бидеш добар во работата со куклите. Ете тоа е најважниот момент. Често луѓето го потценуваат кукленото искуство, но тоа во себе крие неброени можности. Само во последните години оние што специјализирале актерство за куклен театар се многу барани во драмските театри. Тоа воопшто не е случајно.
Околу себе барем во Македонија имате и свој тим. Дали ова значи дека за Вас театарот е повеќе тимска отколку индивидуална работа?
Лунгов: За тимската работа во театарот можам да говорам многу. Најважно е режисерот да создаде добра екипа од професионалци околу себе. Во мојата екипа има луѓе како што е доц. Маја Енчева, на пример, со кои работам 25 години. Во исто време мојата предност е што сум привлекол и помлади специјалисти како што се доц.д-р Константин Каракостов и Михаил Шишков. Сметам дека само со тимска работа и тоа врвна може да се напредува. Исто така секој режисер што се цени себе си, има потреба да експериментира, а со тоа и постојано да се развива. Од друга страна само мислата во една насока на режисерот, сценографот, композиторот и кореографот создаваат добар театарски продукт. Времето го покажало ова мое убедување. На секаде каде што сум работел по светот кога ќе кажам дека имам моја екипа и прифаќам да работам ако се тие со мене, тоа им звучи малку чудно. Тоа е така затоа што не секој директор на театар ја познава нашата работа, но во мојата пракса за многу брзо време сите се убедуваат дека токму таквата екипа е причина за величествен резултат. Затоа никогаш не сум отстапувал од оваа моја позиција. Од друга страна, за време на пробите секогаш сум се трудел да ги придобијам актерите да станат мои истомисленици. Ако режисерот не успее во тоа, не може да очекува добар резултат.
Преку вашите претстави остварувате соништа. Има ли Боњо Лунгов неостварен сон?
Лунгов: Многу ви благодарам за ова прашање. Отсекогаш ме возбудувало да го претворам сонот или мечтата во јава и дејствие. Ако успееш да полеташ на крилата на фантазијата и да реализираш на сцената нештата што се на прв пат невозможни, тоа е веќе успех. За таа цел луѓето со искуство би требало да служат за пример со своето благородство, ерудиција, култура и фантазија. Треба да бидат различни, односно вдахновени творци. Тука за мене настанува голем проблем. Едноставно не може да се биде и обичен човек, а да се предадеш во целост на прекрасната магија што се вика Театар. Тоа е мојот проблем во последните години. Се почесто среќавам луѓе кои што не мечтеат или воопшто не сакаат да мечтеат. Тие можеби сонуваат прекрасни нешта, но се плашат или, пак, не сакаат да ги реализираат своите соништа на сцена, за да ги зарадуваат другите. Тоа понекогаш ме очајува, но се трудам да не дозволам мојот сон за доброто да биде уништен. (Б.Г.)