Изедов цела чаша без последици, но дното ми ја расече раката!

НИТУ ВАНЧО ПЕТРУШЕВСКИ НЕ Е ИМУН НА АКТЕРСКИТЕ И СЦЕНСКИ ПЕХОВИ

    На дел од снимањето на серијата “Трст виа Скопје” успеав да изедам цела стаклена чаша без последици, но бидејќи само дното од неа ми остана во рака, кога на крајот од сцената паднав од столчето, при падот “успеав” да се набијам на нејзиното дно и да си ја расечам раката!”, објаснува за својата “среќна” околност Ванчо Петрушевски

Легендата на Драмски и на македонското глумиште воопшто Ванчо Петрушевски, својот уметнички и актерски леб и тоа како знаел крваво и жешко да си го заработи.

Оваа воведна реченица, пред се, се однесува на тоа што Петрушевски ни се “пофали” дека речиси и да нема година, а тој да не одигра барем една, а често и повеќе претстави со висока температура.

“Најсвеж пример е една од последните претстави “Сомнително лице” во Македонскиот народен театар. Цела среќа е во тоа што во таа претстава речиси и да немам движење и успеав тоа да го исконтролирам. Од друга страна, во “Солунски патрдии”, една исклучително динамична претстава каде речиси цело време сум на сцена, ми се има случено да играм под голема температура јуначки стоејќи на нозе.

Еднаш дури поради мојата астма моравме да викнеме брза помош пред претставата, за да ми стават инјекција, за да можам да играм”, додава популарниот Сотка од Солунски патрдии.
Некој особен сценски пех не му се случил, но успеал да му помогне на колегата Димче Мешковски и да му извади парче метал со клешта и тоа користејќи ја кусата пауза при промена на сцена.

Најбизарниот настан што му се случил е на снимањето на серијата “Трст виа Скопје” каде успеал да изеде цела стаклена чаша без последици, но сепак и да си ја расече раката:

“На дел од снимањето на серијата “Трст виа Скопје” успеав да изедам цела стаклена чаша безпоследици, но бидејќи само дното од неа ми остана во рака, кога на крајот од сцената паднав од столчето при падот “успеав” да се набијам на нејзиното дно и да си ја расечам раката!”- објаснува за својата “среќна” околност Ванчо Петрушевски.

На Петрушевски му се случиле уште десетици немили настани при креирањето на ликовите од неговата богата актерска кариера, на кои не можеше да се сети во детали, но во шега додаде: “Се надевам дека ќе продолжите со опишувањето на интересните сценски случувања за да можам да се присетам на уште некоја случка и повторно ќе се видиме во оваа интересна рубрика”