И ПОКРАЈ ПЕТТЕ ДЕЦЕНИИ, ИСКУСТВОТО НЕ ГО НАПРАВИ МИТЕ ГРОЗДАНОВ ИМУН ОД СТРЕС
“Се сеќавам дека непосредно пред премиерата на “Скок преку кожата” во која гоиграв главниот лик Горчин добив јака температура, па морав и генералката и премиерата да ги одиграм со “вриеж” од 40 степени!”, вели Мите Грозданов
Актерот Мите Грозданов, кој и покрај официјалното пензионирање се уште е присутен на сцената, а во своето речиси петдецениско искуство немал многу директни пехови и повреди на сцената, но затоа играл со температура, во прединфарктна состојба, упаѓал наместо повредените колеги, и сето тоа за да “не трпи театарот”, како што вели самиот тој.
– Се сеќавам дека непосредно пред премиерата на “Скок преку кожа” во која го играв главниот лик Горчин во Струмичкиот театар добив, јака температура, па морав и генералката и премиерата да ги одиграм со “вриеж” од 40 степени! Ги истерав двете претстави на нога, како што знам и умеам, па потоа следуваа и инјекции и апчиња, средувања… Во претставата “Пеликатник”, исто така, во Струмица во завршната сцена почуствував трпнење на левата рака, но бидејќи во таа сцена не бев активен, само стоев во позадината, си реков – нека помине сцената, па ќе видам што ќе правам! Кога по претставата ме однесоа во струмичката болница ми рекоа дека сум имал прединфарктна состојба и ако сум чекал само уште половина час, можело сешто да се случи…”, раскажува Грозданов.
Единствен пех на сцената на матичниот Драмски театар е во претставата “Незадржливиот подем и падот на Артуро Уи” каде Грозданов ја играл главната ролја, односно Хитлер, во една сцена излегувајќи во мракот не видел еден сандак “паркиран” меѓу реквизитите зад сцената.
– Го закачив “здраво”, морав цела претстава да ја приведам кон крај кривејќи. За среќа, немав некои поголеми последици, дополнува Мите.
Во Драмскиот театар за само 48 часа упаднал во ролјата на Луков, главен лик во “Црнила” од Коле Чашуле, бидејќи Петар Темелковски претходно си го повредил вратот и не можел да игра, а претставата требало да ја гледа фестивалскиот селектор за фестивалот Стеријино позорје.
– Претставата се одигра, селекторот ја виде, а јас ја добив за мене најдрагата награда во животот – признание од колегите од мојот Драмски преточено во една вонредна плата! – се пофали бардот Мите Грозданов.