Владимир СВЕТИЕВ (1945 – 2013), актер

Роден е во с.Светомитрани, Прилепско, 14 јули 1945 година.

Автентичен по својот актерски израз, со исклучителен перформативен потенцијал, Владимир Светиев е еден од доајените на македонската театарска традиција. Со неверојатен осет за градење на ликот, со специфична вештина за соработка со различни театарски естетики, тој соработува со повеќе театарски креативци и од тоа го извлекува најдоброто во својата работа.

Владимир Светиев дипломира на отсекот за актерска игра на Академијата за театарска уметност во Загреб (1971). Тој е еден од првите студенти по актерска игра од Македонија кои се едуцираат под менторство на познатиот актер и педагог Илија Џувалековски. Оваа таканаречена „македонска класа“ актери учат сценски говор на мајчин јазик, за разлика од другите предмети кои се изучуваат на Факултетот. За македонската театрологија ова е исклучителна група на актери затоа што развиваат посебен модел на актерска игра и имаат можност истата да ја презентираат на сцените на театрите во Македонија.

По дипломирањето се вработува во Драмата при Македонскиот народен театар во Скопје (1971-1992). Во неговата работна библиографија од непроценливо значење е актерскиот ангажман во Театарот на Ромите „Пралипе” во Милхајм, Германија (1992-1994). Во овој театар, за разлика од матичниот каде се враќа од 1994 година до пензионирањето, тој негува поинаква театарска естетика која функционира на откривањето на интеркултуралниот и мултикултуралниот концепт напоредно со работата во таканаречена театарска трупа/братство што е еквивалент на изучувањата на една цела област на театарот наречена театарска антропологија. Со искуството стекнато таму, со својот личен активен и посветен однос кон театарот, со исклучителната работа на создавањето сопствена актерска естетика, Светиев се изградува во уникатен актер чиј дијапазон на игра е хетероген и обемен.

Како професионален актер дебитира на сцената на матичниот театар со улогата на адвокатот Ѓорѓи во претставата Под пирамидата (1971). Освен на матичната сцена, актерски е ангажиран и на сцените на театрите од Куманово, Струмица, Битола и Драмски театар – Скопје. Во неговото актерско портфолио треба да се внесе и искуството кое го стекнува уште како средношколец во професионална претстава на Народниот театар од Битола. Станува збор за претставата Река без брегови од И.Ивањи, во режија на Душан Г.Наумовски (1960). Освен овие треба да се споменат повеќе улоги по кои Владимир Светиев стана познат македонски актер со сопствена уникатна перформативност и потенцијал кој се транспонира кон повеќе различни естетики. Тоа се: Доне (Рамна земја, 1973); Лудиот(Дневникот на лудиот, 1974); Поетот (Славата и смртта на Хоакин Муриета, 1976); Радомир (Алексијада, 1978); Втор артист(Сојтарии,1979); Кандид (Кандид, 1980); Касиј (Јулиј Цезар,1982); Трајан Поп Стефанов(Macedonische Zustande, 1984); Артистот дијабетес (Бог,1984); Златикум (Скуп 1985); Мето(Глоговиот џбун, 1985); Баал (Баал,1987); Перо (Црна дупка, 1988); Ричард Глостер (Ричард III,1990);Професорот (Посета на старата дама, 1990); Гуревич (Валпургиска ноќ,1990); Исус(Јануари, 1994); Птоломеј (Мелница, 1996); Игњат Наци Глембај (Глембаеви, 1996); Гаев Леонид Андреевич (Вишновата градина,1997); Полониј (Хамлет, 1998); Ристо (Писание, 2002).

Неговиот актерски талент го препознава и публиката и критиката и за истиот е наградуван со повеќе награди. Некои од нив се: Награда за најдобро актерско остварување на МТФ Војдан Чернодрински – Прилеп (и тоа во повеќе години: 1977, 1988, 1991 и 2002); Награда на истиов фестивал и за најдобра епизодна улога, за улогата на Професорот во претставатаПосета на старата дама (Прилеп, 1990); Награда на град Скопје 13 Ноември (1991); Награда 11 Октомври(1999).

Затоа и треба да се афирмира одлуката на Собранието на Фестивалов оваа година да го награди извонредниот македонски актер Владимир Светиев со наградата за животно дело!

svetiev

ИНТЕРВЈУ СО ВЛАДИМИР СВЕТИЕВ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Сето ова не било џабе!

Често се прашувам “или се ова да не било џабе?!” како што знаеше да се праша мојот колега Ристо Шишков. Од друга страна, ме тешеше помислата дека уметноста е најсилното оружје на еден народ, вели за исплатливоста на својата професија, актерот Светиев

Владимир Светиев, актер чие име е запишано со големи букви во историјата на Македонскиот театар, преку многуте улоги во МНТ, монодрамата “Дневникот на лудиот” која стави печат на неговата актерска персона…, дваесетина филмови и ТВ-серии, многу награди меѓу кои се вбројува и оваа последната за животно дело на МТФ “Војдан Чернодрински”. За ова со Светиев, разговараме директно, во ВЕЧЕР

Што ви даде, а што ви одзеде актерската професија?
-Ми даде духовно богатство кое не би го дал за ниедно злато на светот. Сите ние во Театарот сме една голема фамилија. Чудна фамилија. Секој за секого знае скоро се. Се сакаме, се мразиме, си љубомориме… буквално исто како во фамилија. Кој не го играл Шекспир, нема да го разбере тоа. По одиграната претстава сме буквално “исцедени”. Бледи како крпа. Два и пол часа учествуваме во страшни тепачки, бурно се смееме, плачеме, за на крај, исцрпени да ги соблечеме од пот влажните костими… Ако нешто ми одзеде мојата професија, тоа е неможноста да им посветам доволно внимание на моите родители. Едноставно, беше невозможно, овие две работи да ги ускладам, влегувајќи од една во друга улога. Тие си отидоа, а во мене остана дамката која се уште копа по совеста и душата.

Колку сте задоволен од она што сте го оствариле во вашата кариера?
-Враќајќи се наназад, во животот, преку груба математика за бројот на претстави, времето и животот потрошен за подготовка на тие претстави, ме обзема чудно чувство на ужас при помислата дека најголем дел од животот сум го поминал во Театарот. Често се прашувам “или се ова да не било џабе?!”, како што знаеше да се праша мојот колега Ристо Шишков. Од друга страна, ме тешеше помислата дека уметноста е најсилното оружје на еден народ во овој разулавен 21 век, на војни, нови психози, трауми во кој летаат јата атомски печурки, уметноста сумирала многу искуства на земјата. Уште од времето кога човекот за првпат запалил оган за да си ја стопли душата, но да ја стопли и душата на својот близок и кога на својата сакана и испеал песна…Во денешново време, кога живееме во некаква приземна проѕирност, кога ритамот на животот е брз, кога човекот е без пари, притиснат со илјадници проблеми во главата – неплатено парно, струја, вода, кредити… банкарски картички…
Уметноста сигурно нема да ни ги реши тие проблеми, но секојдневието го воздигнува во повеќе сфери во човековата мисла, му помага на човекот да дојде до почисти и појасни мисли, не одржува во надеж дека Човештвото ќе ги победи мрачните сили.

Во споредба со Театарот во Вашето време, кои се предностите и недостатоците на денешниов Театар?
-Не можам да правам споредба со Театарот на моето време и театарот денес. Уметноста има смисла само тогаш кога открива нешто ново! Нема вистина за сите времиња. Ние многу често се ориентираме и определуваме за малограѓанското ниво во нашите претстави, односно мислиме дека гледачот е тоа, притоа заборавајќи дека и самиот доживеал некои метаморфози и тој бара попрецизно сликање на човековиот живот. Актерот е тој што самиот треба да поверува во својот начин на игра, кој сега не делува на гледачот како порано. Театарот не смее да живее само во денешниот ден, туку во времето.

Што говори Вашето искуство со режисерите?
-Секој режисер има свој критериум, естетика и ракопис. Битно е да се “најдеш” во неговата идеја за претставата. Сум работел со многу режисери, од оние најдобрите, до оние што се … така. Актерот мора да биде свесен за театарската естетика што ја поддржува режисерот. Тој мора да ја познава, да ја сака и брани, односно да има изграден свој личен став кон таа естетика. Тој е должен да се чувствува како еден вид уметнички борец и творец. Неговата помош за актерот е непроценлива. Кога го работев ликот на Гаев, од “Вишновата градина” на А.П. Чехов имав проблем со еден мал монолог. Требаше да се сетам на некоја моја траума од детството. На една од пробите режисерот Љубиша Георгиевски ми помогна споменувајќи го големиот руски актер Смоктуновски кого лично го познавав. Гледајќи го во една претстава, тој бил вчудовиден од тоа како може во една долга сцена каде што немал ниту една реплика, да стои десетина минути без збор притоа да создава чувство кај гледачите дека за цело време има нагон за повраќање и дека секој момент ќе поврати. По претставата актерот му одговорил дека во таа сцена тој ја оживеал сликата кога за време на Сталинградската битка, кога луѓето умирале од глад, неговиот татко, за да ги спаси децата од умирање ги хранеле со човечко месо од загинатите војници.

Колку и дали наградите ги сметате за вистинска верикфикација?
-Наградите, сигурно не се вистинската вредност на еден актер. Јас познавам многу добри актери кои не добиле награда. Тоа не значи дека тие се помалку добри од оние што ги имаат. Значајно е критериумите, оние на публиката пред се и на групата луѓе која оценува за награди, да се совпаднат со вашите критериуми.
Наградата што ја добив треба да е круна на мојот изминат пат на сцената. Од последните триесетина години од изминатиот век, продолжен во првата деценија од новиот милениум, и потврда, дека во годините поминати на сцената достојно ја заштитував мојата професија.

Борче ГРОЗДАНОВ