АКТЕРОТ ЈОРДАН СИМОНОВ НЕ Е ИМУН НА “БЕЉИТЕ” НА СЦЕНА

Адреналинот понекогаш носи нагмечен граден кош!

Нашиот јунак од оваа приказна на генералната проба на Мара Сад фрлајќи се од скеле високо 4,5 метри успеал да го “распука” ќебето по шавови со кое требало да биде дочекан и “заработил” нагмечен граден кош, а единствената мисла му била: “Леле, се прекина претставата!”

Актерот Јордан Симонов е еден од оние професионалци кои својата професија ја подразбира и прифаќа со сите нејзини ризици, впрочем како што самиот вели “тоа е професија како и секоја друга”.

Во неговата долгогодишна актерска кариера во МНТ имал разни ситуации на помали незгоди и повреди во текот на пробите, па дури и во самите претстави, но само една била “фатална” поради која е прекината претстава.

“Тоа се случи на генералата проба на “Мара Сад” во мојата матична куќа во режија на Васил Христов во 2008 година. Ја играв главната улога односно тоа беа два лика Маркизот де Сад и еден од водачите на француската револуција Мара. Во една сцена, како Мара, требаше да се качам на едно од скелињата високи по 4,5 метри и на крајот од една музичка нумера- песна, требаше да се фрлам од скелето долу во масата луѓе кои го скандираа моето име. Требаше да ме дочекаат во едно оптегнато војничко ќебе. Во текот на пробите немаше никаков проблем, се фрлав, а тие спремно ме дочекуваа. Генералната проба беше со публика составена од наши пријатели и некои новинари. Веројатно поради адреналинот и возбудата од првото соочување со публиката колегите кои ме дочекуваа, по првпат го отворија ќебето со шавот во средина. Кога се фрлив од скелето, шавовите не ја издржаа мојата тежина се распукаа па завршив на даските. Имав среќа ќебето малку го ублажи падот, а јас паднав странично. Изгубив воздух, почуствував јака болка во градите, но за среќа не изгубив свест. Нормално, генералката се прекина, а мене прва мисла ми беше: “Леле се прекина претставата!”, раскажува актерот за своите неволји.

Но, тоа не е крај…

“Поради болките во градниот кош следниот ден морав во болница за да се направи снимка и да бидеме сигурни дека не е скршено некое ребро. Тоа беше денот на премиерата. Резултатот беше јасен-лекарите препорачаа строго мирување во следните денови, така што премиерата мораше да се одложи за десетина дена”, го завршува своето актерско неволно патешествие Симонов.

Сепак, тој е задоволен бидејќи премиерата поминала успешно (тоа беше одбележано и во Вечер, н.з.) и претставата нормално си го продолжила својот живот на репертоарот на МНТ. Така е тоа во театарот, понекогаш несреќите се случуваат, но како што вели нашиот јунак од приказната “животот е составен од солзи и смеа исто како и Театарот”. (Б.Г.)