Кон “Нашиот клас”, автор Тадеуш Слобоѓанек, режија Владимир Милчин, игра одлична актерска екипа на Театарот за деца и младинциДа се навлезе во погромот на душата и човештвото, отсликувајќи една слика на безизлез, но во исто време и истрајност како нашата трева – коштрева, пиреј, но тоа да се случи далеку од нас, а сепак толку блиску по душа и да се отслика театарот е бездруго тешка работа. На таа тешка задача се нафатил авторот од Полска, Тадеуш Слобоѓанек, кој градејќи една потресна историски вистинита приказна за едно мало полско гратче во кое својот го убива својот, во кое нашиот рака под рака со нацизмот го гази нашиот… Таа вистинска веристичка слика со зборови исцртана од авторот на сценското платно ја досликува режисерот Владимир Милчин и прекрасните десетмина актери на Театарот за деца и младинци. На потписникот на режијата мора да му се честита на извонредно исцртаната сценичност и за се што се случува внатре, а на актерите честитки што навистина ја послаа својата душа на сцената… Но да почнеме од почеток: Се се одвива во “Нашиот клас” на Дора, Зоха, Рахилка, подоцна Маријана, Владек, Хенјек, Аврам, Рисјек, Менехен, Јакуп Кац и Зигмунт, во кој детските соништа се претвораат во кошмар. Во тој кошмар извонредно се снаоѓаат младата Наташа Петровиќ (Дора), која сиот свој актерски изблик во бранови ни го пласира и не допира до болка, Симона Спировска (Зоха), која пак со својата интровертна смиреност ја покажува сета трагедија на својата душа, Емра Куртишова која преку својот лик (Рахилка/Маријана) ја слика (не)сигурноста и во болката, но и во љубовта, како морална предодреденост… Низата од извонредни актерски креации ја продолжуваат искусните Драган Довлев, Владимир Лазовски и Предраг Павловски, кои своето искуство и знаење им го даваат на Владек, Хенјек и Аврам, првиот со исцртувањето на глупоста претворена во добрина, вториот преку перфидноста го слика погромот, пред се оној душевниот, а третиот плени со смиреност, интровертна сигурност и умешно и зрело предавање на прецизната реплика… Тука се и младите и енергични Мики Анчевски (Рисјек), Мартин Јорданоски (Менехен), Бојан Кирковски (Јакуп Кац) и Ненад Митевски (Зигмунд), кои сите заедно ја доигруваат и си поигруваат со судбината на (не)еврејските души, секој засебно, давајќи една извонредно канализирана енергија, но и на моменти прикажувајќи невидена енергичност и експлозивност, за да преку секој свој израз уште еднаш не опоменат дека без душа си ништо… Мики своите полуглупави дилеми ги разрешува со насилство, за што е насилно казнет, Мартин мудроста ја заменува со одмазда, за да загине брзо, како што го прави тоа во животот, Бојан ја отсликува душата на религиозноста, во случајот еврејска, смиреноста и љубовта кон другиот, а Ненад ни дава опис на една бездушност, но и многу тага при покајанието…. И за ова има уште многу да се пишува, уште многу да се зборува. Но сигурно е едно дека “Нашиот клас” во режија на Владимир Милчин, а од Тадеуш Слобоѓанек бездруго мора да се види! Тоа ви го гарантираат и авторот на некој од сонговите, Марјан Неќак, сценографијата на Крсте Џидров, кои ја отсликуваат сета сериозност и темнина на приказната убавите веристички “школски” костими на Марија Пупучевска и изборот на останатата музика на режисерот Милчин… Не оставија без здив будејќи го напати тажното дете во нас, бидејќи секој од нив си отиде и од животот и од сцената со своето – наше дете. Браво! Борче ГРОЗДАНОВ
